Според податоците на Народната банка на Република Македонија на крајот од јули годинава девизните резерви на земјава изнесувале 2,588 милијарди евра, што е пораст за 429,4 милиони евра отколку еден месец порано.
Ваквиот пораст се должи на парите од новото задолжување во странство со еврообврзницата од 450 милиони евра.Во однос на крајот на минатата година, пак, девизните резерви бележат раст од 326,4 милиони евра.
Во првото полугодие од годинава девизните резерви изнесувале 2,159 милијарди евра, што било помалку за 107,5 милиони евра во однос на првиот квартал. Овој пад во најголем дел се должел на интервенциите на НБМ на девизниот пазар, кои, пак, настанаа поради шпекулациите во врска со девизниот курс на денарот, а дел и поради помали отплати за обврски на државата кон странски кредитори.
Во јули годинава, најголем дел од девизните резерви на земјава и натаму се чуваат во странски квалитетни хартии од вредност, односно 2,071 милијарди евра, и кај нив е и најголемиот раст, потоа во валути и депозити во кој се чуваат околу 250 милиони евра, а во монетарно злато во јули имало 262 милиони евра.