– Кондиторската индустрија „Европа“ од Скопје офанзивно тргнува во зголемување на извозот на своите производи.Токму од тие причини го поддржуваме „Планот за економски раст“ на македонската Влада во која акцентот токму е ставен на зголемување на пласманот на домашните производи на странските пазари.Во овој момент „Европа“ извезува 60 отсто од своето производство, но тоа не не задоволува и очекуваме брзо таа бројка значајно да ја зголемиме.Посебно во наша опсервација е и освојување на пазарот на Руската Федерација.

Ова го истакна Марика Караџова, генерален директор на „Европа“ во разговорот со м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора при неговата посета на скопската фабрика за чоколади, вафли и бомбони. Во разговорот, на кој присуствуваше и Павле Поп Трајков, менаџер за продажба на „Европа“, беа разгледани можностите и начините за поголем извоз на скопската кондиторска компанија на големиот руски пазар.
-Имаме лепеза од преку 200 производи и извезуваме во 25 земји од Европа, како и во САД и Австралија.Најголемо присуство на нашите производи е во регионот – српскиот, хрватскиот, босанскиот и косовскиот пазар.Во тек сме проговори со Европската банка за обнова и развој, со чија поддршка би можеле значајно да го зголемиме извозот.За одредени земји ангажираме и економски промотори, – додаде Марика Караџова.
Една од најстарите производствени капацитете во земјава, основана пред повеќе од 130 години, своите адути за поафанзивен настап на странските пазари ги гледа во зголемување на асортиманот со нови производи, подобрување на дизајнот на пакувањето и на квалитетот. Компанијата е „наоружана“ со сите стандарди за квалитет и веќе е препознатлив бренд.Годинава, на пример, студентите ја избраа „Европа“ за компанија со најпозитивен имиџ и го доделија најпрестижниот меѓународен сертификат Premium Stubrand 2017.

– Годишно произведуваме 5.000 тони, од што близу две третини се наполитанки, бомбони и крем банани. Користиме природни суровини и бои, а нашите можности за производство се поголеми за уште 2.000 тони.Затоа сите погледи ни се свртени кон извоз, бидејќи домашниот пазар ни е претесен за капацитетот- спомена Павле Поп Трајков.
М-р Дејан Бешлиев на домаќините им го објасни начинот и можноста за продор на рускиот пазар преку партнерскиот проект „Македонски изложбено-трговски дом“, кој на македонските компании им нуди постојано присуство со сопствените производи и комецијално – правна подршка на самото место во Москва во големиот комплекс „Фуд Сити“. Во разговорите беше оценето дека се работи за сериозен проект за освојување на рускиот пазар, а „Европа’ искажа интерес и подготвеност да се позиционира во „Македонски дом“ во главниот град на Руската Федерација.
Саво Пејчиновски