До крајот на октомври годинава трговската размена меѓу Република Македонија и Руската Федерација пораснала за 10,5 отсто, но македонскиот извоз е со скок од 15,6 отсто.
Вкупниот обем на трговијата меѓу двете земји за десет месеци достигнала вредност од 168,4 милиони САД долари (лани таа изнесувала 152,4 милиони САД долари).Македонските компании продале производи на рускиот пазар во висина од нешто над 42 милиони САД долари (лани 36,3 милиони САД долари).Во структурата на извозот на Македонија на овој пазар преовладуваат земјоделските и прехрамбените производи.
Во исто време од Русија е набавена стока, во најголем обем енергенси, во износ од 126,4 милиони САД долари (лани 116 милиони САД долари).Увозот од компаниите од овој пазар пораснал за 8,9 отсто.
За десет месеци Македонија направила трговски дефицит во размената со Руската Федерација во износ од 86,3 милиони САД долари.
Државниот завод за статистика соопштува дека вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – октомври 2017 година, изнесува 4,65 милијарди САД долари и бележи пораст од 16.9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6,24 милијарди САД долари, што е за 12.2% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – октомври 2017 година, изнесува 1,58 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – октомври 2017, изнесува 74.4%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – октомври 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.