За половина година Република Северна Македонија остварила вкупен обем на трговска размена со странство во износ од 8,175 милијарди САД долари.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од земјава за првите шест месеци од 2019 година, изнесува 3, 564 милијарди САД долари и бележи пораст од 6.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,611 милијарди САД долари, што е за 3.7 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2019 година, изнесува 1,046 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2019 година, изнесува 77.3 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – јуни 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.