Во 2017 година 13,2% од Русите, или вкупно 19,3 милиони лица живееле под прагот на сиромаштија, покажуваат првичните податоци на Росстат, цитирани од “Известија”. За прв пат од 2012 година, се забележува намалување на бројот на сиромашните во земјата.
Во 2012 година, луѓето под линијата на сиромаштија во Русија беа 10,7% од населението, објави весникот. Од статистиката се гледа дека во 1992 година 49,2% од Русите биле под прагот на сиромаштија, или вкупно 33,5 милиони лица.
Министерството за труд го објаснува намалувањето на сиромаштијата во земјата со активната социјална политика и системот за помош развиен во последниве години.
Тоа е видливо во регионите каде што се применуваат различни програми за финансиска поддршка и адаптација на сиромашните луѓе на кои им се нуди работа, обука и квалификација, како и помош за да започнат сопствен бизнис.
Друго објаснување на намалувањето на сиромаштијата даваат од Институтот за социјални анализи и предвидувања. Според нив трошоците за живот во Русија во 2017 година се зголемија за 2,6%, а инфлацијата во овој период била 3,7 отсто.
Ректорот на Рускиот државен универзитет за социјални дејности, Наталија Починок го дели ова мислење и додава дека податоците на Росстат не даваат комплетната слика на ситуацијата во Русија. Според нејзини зборови, користената методологија не го „слика“ она што не може да си дозволи едно домаќинство и од што се чувствува оштетено.
Минималните трошоци за живот во Русија се утврдуваат квартално од страна на Министерството за труд. За првите три месеци од 2018 година овој износ е нешто над 10 000 рубли (речиси 159 долари) по човек.
На 1 мај 2018 година, владата ја усогласи минималната плата во земјата со минимални трошоци за живот и ја зголеми минималната плата на 11.163 рубли, дополнуваат од „Комерсант“.