Продолжува растот на вкупниот обем на  трговска размена меѓу Репулика Северна Македонија и Руската Федерација и покрај тешката здравствена криза што владее во двете земји. До крајот на април трговијата меѓу македонските и руските компании достигна вредност од 81,6 милиони САД долари (лани во истиот период 70,9 милиони САД долари) и бележи раст од 15,1 отсто. Македонскиот извоз е повисок за 13 отсто, бидејќи е пласирана стока во износ од нешто над 14 милиони САД долари во однос на 12,4 милиони САД долари, колку што беше забележано во првите четри месеци  лани. Увозот од Русија е зголемен за 15,5 отсто.Македонските компании купиле стока од руските партнери во периодот јануари-април во висина од 67,6 милиони САД долари, додека лани во истиот период таа бројка изнесувала 58,5 милиони САД долари.

Република Северна Македонија во овој период остварила трговски дефицит во размената со Руската Федерација во износ од 53,6 милиони САД долари.

Инаку, вкупната размена на земјава со светот до крајот на четвртиот месец од годинава ја достигнала вредноста 4,305 милијарди САД долари.Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 1,782  милијарди САД долари и бележи пад од 23.8% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2,522 милијарди САД долари, што е за 19.0% помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 740,1 милиони САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари – април 2020 година, изнесува 70.6 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1  и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав. 

Во периодот јануари – април 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.