Директорот на винарницата „Тиквеш“, Игор Илиевски, во интервју за босанскиот бизнис  магазин „Еуроменаџер“,  вели дека компанијата инвестира во технологија, опрема и луѓе.

 Моментно врвните вина на „Тиквеш“ се продаваат во 30 држави, што зафаќа околу 60 отсто од годишното производство.

 -„Тиквеш“ прераснува во светски бренд. Одлична работа направивме со пробив на американскиот пазар. Успеавме да воспоставиме соработка не само со луѓе од македонската дијаспора, туку и со врвни американски компании. Вината на ’Тиквеш’ се продаваат во 44 држави во САД. Очекувам до 2017 година извозот на вино на овој голем пазар да се искачи на над 1 милион долари. За винарницата и Кина е интересен пазар. Разработуваме повеќе модели за работа и за поофанзивно освојување на кинескиот пазар, – вели Илиевски за читателите на  „Еуроменаџер“.

Тој додава дека винарницата има амбициозни планови што ќе влијаат врз целокупниот развој на компанијата.

-Со години го скенираме развојот на винарството во регионот. Сметаме дека сите аквизиции се отворени за да се искористат предностите што ги нуди регионот, Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина,- вели Илиевски.

Повод за интервјуто  е наградата што ја доби Илиевски за најменаџер на годината, а „Тиквеш“ беше прогласена за најкомпанија на годината, од страна на регионалната канцеларија за Југоисточна и Средна Европа на Европското здружение на менаџери и списанието „Еуроменаџер“.

 -Ова е големо признание за нашите досегашни конкретни остварувања во сите сегменти од работењето, но добро знам дека тоа е и нова обврска за создавање уште повеќе. Ние во ’Тиквеш’ во новите предизвици и признанија гледаме нови можности за афирмација на колективните и поединечните вредности во регионот и надвор од него,- вели Илиевски.