ВВ „Тиквеш“, членка на Македонска – руска стопанска комора,   со години наназад практикува одржлив модел на соработка со лозарите. Тоа подразбира секојдневна соработка со лозарите во текот на целата година, при што нашите енолози на терен даваат совети за одгледување на грозјето и вршат континуирана едукација, што резултира со поквалитетен род. За нашите најлојални кооперанти „Тиквеш“ има воспоставено и систем за доверба и поддршка во финансирање на набавка на заштитни средства во текот на целата година т.е. овозможува одложено плаќање на истите дури со исплатата на првата рата.  Сето ова  за лозарите значи производство на поквалитетно грозје, а во крајна линија постигнување на подобра цена и гарантиран откуп. Ваквата тесна соработка е од полза и за нас како компанија затоа што го задоволуваме интересот за набавка на квалитетно грозје, а лозарите добиваат едукација за производство на квалитетно грозје според светски стандарди вели Генералниот директор на винарницата „Тиквеш“, Игор Илиевски, во интервју за „Фактор“ коментирајќи ја исплатата на субвенциите која е стопирана поради исчекувањето на нова влада. 
Како ја оценувате 2016 година во однос на квалитетот на грозјето, количините и извозот?
Минатата 2016-та беше добра година за грозјето. Иако не беше идеална во поглед на климатските услови. Минатата година „Тиквеш“ откупи и преработи 17,5 милиони килограми квалитетно грозје, од кои над 3 милиони килограми се преработени преку линијата за микровинификација, односно по т.н. технологија „зрно-по-зрно“, која овозможува производство на премиум вина. Нашите првични проценки, но и информациите од потрошувачите и од пазарите каде што сме присутни говорат дека вината на „Тиквеш“ од последната берба се со висок квалитет и имаат значаен потенцијал за пласман што секако кај нас влева дополнителен оптимизам дека ќе ги оствариме планираните проекции за раст и развој.

IGOR ILIEVSKI

Неревидираниот финансиски извештај за „Тиквеш“ за 2016 година, покажува пораст на добивката и на приходите од продажбата во странство и на домашниот пазар, на што се должи тоа? 
Во текот на 2016-та година, продолжи растот во сите сегменти на нашето работење. Поконкретно, нашите вкупни приходи минатата година се зголемија за 9% во однос на претходната година, а ваквиот раст се должи на зголемените приходи од продажбата на вино на домашниот пазар за 12%, како и од растот на приходите од извоз за 6%. Ваквиот раст на приходите, природно генерираше и пораст на бруто добивката од 27%. Овие позитивни резултати покажуваат дека нашата стратегија за долгорочен развој функционира онака како што е зацртана, при што во фокусот на натамошниот развој на „Тиквеш“ останува имплементацијата на најновите глобални трендови во винската индустрија, развојот на нови вински брендови и промоција на високо квалитетното македонско вино во светот. Очекуваме дека ваквата определба ќе ни овозможи реализација на планираното зголемување на приходите од продажба и во текот на оваа година во однос на 2016, пришто учеството на приходите од продажбата на домашниот пазар се очекува да биде 48%, а на извозните пазари 52%.
На стартот на новата лозарска година, земјоделците се соочуваат со проблем во однос на исплатата на субвенциите која е стопирана поради исчекувањето на нова влада. Очекувате ли тоа негативно да влијае врз лозарското производство со оглед на тоа дека во овој период субвенциите им се најпотребни на лозарите?
„Тиквеш“ со години наназад практикува одржлив модел на соработка со лозарите. Тоа подразбира секојдневна соработка со лозарите во текот на целата година, при што нашите енолози на терен даваат совети за одгледување на грозјето и вршат континуирана едукација, што резултира со поквалитетен род. За нашите најлојални кооперанти „Тиквеш“ има воспоставено и систем за доверба и поддршка во финансирање на набавка на заштитни средства во текот на целата година т.е. овозможува одложено плаќање на истите дури со исплатата на првата рата.  Сето ова  за лозарите значи производство на поквалитетно грозје, а во крајна линија постигнување на подобра цена и гарантиран откуп. Ваквата тесна соработка е од полза и за нас како компанија затоа што го задоволуваме интересот за набавка на квалитетно грозје, а лозарите добиваат едукација за производство на квалитетно грозје според светски стандарди.
Сметате ли дека субвенциите во делот за лозарството за подигање и за одржување на лозови насади се доволни за развој на лозарството?
Секоја стимулација треба да го поттикнува и наградува квалитетот. Ова е особено значајно кај лозарството, затоа што во нашата земја постојат услови за производство на грозје, но треба дополнително да се вложува во унапредување и заштита на лозјата заради обезбедување на посакуваниот висок квалитет на производството. Така, ефектите ќе бидат поголеми и подолгорочни, затоа што ќе се стимулира пазарниот и иновативен начин на функционирање на сите во синџирот, од што зависи конечниот успех на македонското вино на пазарот. Што се однесува до „Тиквеш“ ние со години наназад го правиме токму ова што го говорам, односно го стимулираме квалитетот, со тоа што исплаќаме дополнителни бонуси и го гарантираме откупот на грозје со екстра квалитет.Во оваа насока, потребно е да се стимулира извозот на македонското вино, а тоа во ланецот ќе донесе бенефиции за сите, и за лозаропроизводителите и за преработувачите. Во спротивно, останува тековната реалност каде се стимулира само лозарството и садење на лозја и нивно одржување без каков било размислување  за квалитет т.е. стимулирано производство на грозје кое тешко се апсорбира во преработка поради непостојан квалитет од кое не може да се добие стандардно квалитетен производ. Она што е битно е да се креира производ со додадена вредност, производ кој ќе се продаде во извоз како автентичен македонски производ.

Tikves-Winery_004

Од друга страна тука се парите од европските ИПАРД фондови наменети генерално за крупни инвестиции, колку овие пари им се достапни на компаниите и дали „Тиквеш“ како најголема винарска визба досега има аплицирано за овие фондови?
Средствата од ИПАРД програмата како инструмент за претпристапна помош на Европската Унија се достапни за оние земјоделски стопанства и компании кои имаат интерес и соодветен инвестициски план, чија реализација треба да им овозможи зголемување на додадената вредност на нивните производи и достигнување на стандардите за квалитет на Европската Унија. „Тиквеш“ минатата година, токму со поддршка на ИПАРД програмата ја заокружи инвестицијата во најсовремена технологија за преработка, одлежување и полнење на виното, како и најсовремена лабораториска опрема. Вкупните вложувања на ВВ „Тиквеш“ во реализацијата на овој инвестициски проект надминуваа 78 милиони денари (1,2 милиони евра), од кои преку ИПАРД беа обезбедени приближно 30 милиони денари (480 илјади евра). За нас оваа инвестиција имаше исклучително значење, затоа што со неа одиме чекор понатаму во севкупната модернизација на винарницата во која во континуитет вложуваме и која придонесува за производство на вино со висока додадена вредност и премиум квалитет.
Дали завршивте со исплатата на откупеното грозје за 2016 година и колкава количина грозје откупивте?
„Тиквеш“ во рамки на законските рокови редовно ги исплаќа средствата за откупеното грозје со што им помага на своите партнери – лозарите навремено да ги завршат сите планирани земјоделски активности во лозјата. Минатата година откупивме 17,5 милиони килограми грозје со вредност од 263 милиони денари и ги исплаќаме средствата за откупеното грозје во рамки на утврдените законски рокови. До сега се исплатени близу 83% од вкупните обврски кон сите добавувачи. Она што би сакал во моментов да го истакнам е тоа дека ние веќе на 04.04.2017 во целост ги исплативме средствата на лозарите – физички лица, што е далеку пред законскиот рок, 30 април. Средствата се неопходни за почетокот на работата на лозјата за новата берба што се надеваме дека ќе им ја олесни работата а со што повторно покажуваме посветеност кон релациите кои ги градиме.
Лозарите реагираат дека секоја година винарските визби го откупуваат грозјето по иста цена, која според нив е недоволна за покривање на трошоците. Зошто нема нагорно поместување на откупната цена, каде е проблемот?
Цената на грозјето, како и цената на виното се пазарни категории кои се одредуваат согласно понудата и побарувачката. Сепак, во случајот на откупната цена за грозјето,  вметната е и една социјална компонента преку дефинирање на еден вид минимална заштитна откупна цена под која откупувачите на грозје не би требало да одат, со цел да се заштитат пред сé интересите на лозарите, но и да се гарантира стабилноста на пазарот. Таа заштитна откупна цена секоја година се договара преку дијалог во кој учествуваат надлежните државни институции, претставници на лозарските здруженија и откупупувачите. Дијалогот за цената на грозјето, квалитетот што се бара и како тој да се постигне треба да се води во континуитет, преку целата година, затоа што само така можеме да очекуваме резултати. Тоа впрочем го докажува и нашиот модел, кој резултира со задоволни лозари, а секако и ние како винарница добиваме соодветен квалитет на грозјето. Но, ние соработуваме на партнерско ниво во текот на целата година и тоа дава резултат. Имаме над 1500 договори со лозари и одлично функционираме. Но, нагласувам дека крајната откупна цена на грозјето, пред сé треба да зависи од квалитетот на грозјето, од договорените услови со откупувачите и од пазарните услови. Ние се водиме од тој постулат и цената кај нас може да достигне и неколкукратно повисока вредност отколку дефинираната заштитна цена.
Како ја оценувате состојбата во винарската индустрија и што е потребно за поголем развој, бидејќи се работи за втора извозна гранка во однос на девизниот прилив?
Домашната винска индустрија во изминативе две децении претрпе значителна трансформација и преструктуирање. Општествените, но и пазарните прилики, придонесоа за промени во пристапот на развојот на винарството во земјата. Ако порано развојот се темелеше на квантитет, односно на тоа да се произведе и преработи што повеќе грозје, сегашната развојна филозофија сé повеќе се потпира на квалитетот. Искуството покажува дека потрошувачите, како на домашниот, така и на странските пазари бараат квалитетни вина. За да можете да понудите таков производ неопходно е постојано да вложувате во модернизација на производството, во знаењето за производство на вина со висока додадена вредност. Паралелно, неопходно е да се работи и на отворање нови дистрибутивни канали и пробив на нови пазари, во активности за промоција на вината и на креирање на автентична винска приказна, учества на вински саеми и реномирани натпревари, за да ја добиеме неопходната светска верификација за квалитетот на нашите вина. Исто така, во винската индустрија неопходно е да се работи на создавање на имиџ на земјата како познато винско поднебје, кое индиректно ќе помогне во подобриот пласман на вината од Македонија на странски пазари. И, се разбира, неопходна е упорност и посветеност да се издржи на ваквиот развоен пат, затоа што трендовите во глобалниот вински бизнис се менуваат во услови на една исклучително голема конкуренција.
Имаме ли потенцијал за враќање на некогашните 40 илјади хектари лозови насади, што треба да се направи?
За одговор на ова прашање, сметам дека е потребно да се иницира идеја за промена на сфаќањето за лозарството и винарството како економски гранки. И кога се работи за тоа дали треба да се враќаме на некогашните површини насадени со лозја или треба да го фаворизираме квалитетот, раководејќи се од количините што можеме да ги пласираме како квалитетен производ на пазарите, дома и во странство, вториот аспект е поважен. Пробив на пазарите треба да е императив и се останато е само алка во ланецот на создавање нова вредност во билансите на индустријата и БДП во Македонија. Значи, 40 илјади хектари лесно ќе се достигнат доколку постигнеме препознатливост и пласман на произведените количини вино. Она што треба да се направи е стратешка одлука со кои сорти ќе се носи развојот, фаворизирање на поголемите лозарски стопанства кои заради големината, ефикасно можат да применуваат агротехнички мерки, да воведат нови технологии, инвестиции и да носат развој во лозарството. Само така може да се добие соодветен квалитет на грозје кое преработено во квалитетно вино ќе овозможи пласман на македонски вински брендови во светот.
Бројките покажуваат дека количините на вкупното произведено наливно вино во земјава предничат во однос на флашираното, каде го лоцирате проблемот?
Добрите познавачи на состојбите во домашната винска индустрија веќе долги години укажуваа на тоа дека долгорочната перспектива за развој на домашната винска индустрија зависи од тоа колку брзо ќе се трансформираме и наместо квантитет со слаб квалитет, да се произведуваат високо квалитетни вина во шишиња. „Тиквеш“ покажа дека со вистинска стратегија тоа е можно. И повеќе од тоа, нашите вина се веќе добро препознатливи на странските пазари. Секако ние тука не застануваме, имаме амбициозни планови и се надеваме на уште подобар пласман и позиционирање на светската винска мапа.
Веќе подолг период се наоѓаме во политичка криза, сé уште се чека формирање на нова влада, како оваа неизвесност од политичка разрешница влијае врз бизнисот со вино, во однос на инвестициите, соработката со странските деловни партнери?
Секоја долготрајна криза создава неизвесност кај сите, почнувајќи од производителите, инвеститорите, компаниите, па сѐ до купувачите и потрошувачите. Сосема е природно сите да очекуваат и да се надеваат на стабилна и предвидлива состојба, затоа што така можат да ги планираат своите активности, секој во својот домен и според своите интереси. Во вакви услови, бизнис секторот во целина има исклучително тешка задача да го одржува сегашното темпо на работа. Подолгорочните развојни планови се одложени кај многу компании.
Пред извезен период Хрватска воведе нови правила за увоз на македонско вино поточно за наливно и вино во пластична амбалажа, како овие правила влијаат врз извозот на вашето вино во Хрватска и дали се работи за нетарифни бариери оти бројките покажуваат дека македонското вино добро котира на хрватскиот пазар?
Во принцип бариерите не се добри за трговијата и треба да се избегнуваат. Но, истовремено секоја земја има право, па дури и обврска да креира правила според кои ќе го штити својот интерес, како и интересот на потрошувачите кои бараат гаранции за квалитетот што им се нуди на пазарот. Хрватска го направи токму тоа – наметна нови правила за увозот на вино, со цел да обезбеди дополнителна гаранција за квалитетот, особено на виното кое се увезува во пластична амбалажа. „Тиквеш“, како и останатите производители на вино од Македонија кои извезуваат квалитетни вина во шише на хрватскиот пазар, се погодени од оваа нова регулатива од аспект на зголемени административни постапки и време,  затоа што ние ги исполнуваме сите предвидени одредби и стандарди.
Каде е македонското вино на светската винска мапа и како до подобра позиција?
Главниот предизвик на македонската винска индустрија е нејзината препознатливост во глобални рамки. Во споредба со Франција, Шпанија, Италија, но и земјите од т.н. нов вински свет, како што е САД, Австралија, Нов Зеланд и други земји, свесноста за Македонија како производител на вино во глобални рамки е ниска. Но, од друга страна оние познавачи на доброто вино кои имале прилика да го пробаат нашето вино, најчесто се пријатно изненадени, па дури и воодушевени од неговиот квалитет и автентичност. Досегашното наше искуство во настапот на странските пазари е дека повеќето љубители на вино во светот се отворени за нови вински изнанадувања, особено кога се работи за висококвалитетни уникатни вина со одличен однос цена-квалитет.Првиот услов за успех на пазарите секако е врвно вино, но не треба да се минимизира и значењето на промоцијата. Таканаречените вина од „новиот свет“, како што се Чиле, Нов Зеланд и други земји постигнаа за релативно краток период голем успех и успеаја да се позиционираат на пазарот. Во тој процес голема помош имаа од државата. Имено, со државна помош на стратешки пазари е направена голема промоција на вината од овие земји. Гледано од денешен аспект тоа навистина помогна во промоцијата на овие дестинации како земји од каде доаѓа квалитетно вино. Оттука, замо заедничкиот настап и градење на имиџ на Македонија како земја од која доаѓаат врвни вина ќе даде сериозен исчекор во подобро позиционирање на вината и градење на подобра препознатливост. Мислам дека тука некаде лежи и рецептот за успех на македонското вино – треба да се вложува во промоција на земјата, како поднебје каде има традиција и услови за производство на квалитетно вино.(Фактор)