Трговијата меѓу македонските и руските компании расте по сите основи на почетокот од годинава.Вкупната размена во јануари и февруари е речиси за третина повисока (30,8 отсто) отколку во минатата година во истиот период и Руската Федерација во овој период е девети трговски партнер на Р.С. Македонија.Меѓусебната размена за два месеци изнесува 101,3 милиони САД долари, додека лани во истиот период изнесувала 77,4 милиони САД долари.
Македонските компании на рускиот пазар пласирали стока во вредност од 13,7 милиони САД долари (лани за два месеци 8,1 милиони САД долари), што е пораст за високи 67,7 отсто. Увозот од оваа земја расте со помал обем од 26,4 милиони САД долари и ја достигнал бројката од 87,5 милиони САД долари (лани 69,2 милиони САД долари).
За првите два месеци од годинава Р.С.Македонија направи трговски дефицит во размената со Русија во висина од 73,8 милиони САД долари.
Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари − февруари 2023 година, изнесува 1,44 милијарди САД долари и бележи пораст од 4,6 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1,89 милијарди САД долари, што е за 6,5 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари − февруари 2023 година, изнесува 456 милиони САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари − февруари 2023, изнесува 76.0 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во периодот јануари − февруари 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.