Руската рубља има потенцијал да врати 26% од вредноста во следните 12 месеци, – прогнозира UBS Group
Русија, Индија и Бразил годинава ќе бидат едни од најатрактивните земји за инвеститорите меѓу економиите во развој. Тоа го наведува Bloomberg во својата анализа.
Во оваа година вниманието на инвеститорите ќе биде насочено кон земјите во кои има подобрување на политичката клима и каде пазарите се помалку ранливи од надворешните фактори, како што е на пример инаугурацијата на Доналд Трамп и политиката на Федералните резерви на САД.
На прво место меѓу пазарите во развој е Русија. За инвеститорите кои вложуваат при ниски камати и купуваат државни хартии од вредност, рубљата има многу голем потенцијал. Агенцијата ја цитира анализата на UBS Group, според кој руската национална валута има потенцијал да врати 26% од вредноста во следните 12 месеци. Руската економија, пак, ќе добие дополнителен позитивен поттик од поскапување на нафтата.
Во листата на најпопуларните дестинации за инвеститорите оваа година се појавува уште Мексико, кој ќе биде една од најпривлечните земји во тој регион, главно поради ниската вредност на националната валута песо, како и Чиле, поради повисоките цени на бакарот и очекувањата за повеќе поволности за инвеститорите од страна на локалните власти по претседателските избори во земјата во 2017 година.
Во Бразил акциите на Petrobras се “се уште евтини”, а прогнозите на аналитичарите се дека компанијата ќе успее да закрепне во оваа година. За Јужна Африка очекувањата се дека слабеењето на власта на претседателот Јакоб Зума ќе ги направи интересни акциите и обврзниците на локалната берза.
Индија ќе стане привлечна заради заканите на новоизбраниот американски претседател за обновување на протекционистичката политика за американската економија. Во ноември во земјата беа повлечени банкнотите со номинална вредност од 500 и 1000 рупии. Мерката беше превземена како неопходна во борбата против корупцијата, но таа можеби сугерира забавување на економијата и намалување на основните камати, а тоа ќе биде атрактивно за инвеститорите во државни хартии од вредност.
Индонезија пак привлекува инвеститори од доминантни компании на домашната берза, кои се фокусирани на внатрешниот пазар. Рударските компании ќе имаат корист од поскапувањето на цените на никелот и јагленот, а тоа ќе биде интересно и за инвестиции.