По најавата за два нови директни летови на руската авионска компанија „Нордвинд“ со кои се поврзаа Москва и Санкт Петербург со Скопје, се отвори можност за развој на туризмот и зголемен број руски туристи во земјава.
И покрај обидите за промоција на домашните туристички потенцијали, во изминатата декада приливот на туристи од Руската Федерација бележеше стагнација поради недостатокот на директно авионско поврзување. Со директното поврзување оваа година, бројот на туристи во првите седум месеци во 2021 година порасна за 299 отсто во споредба со истиот период во 2020 година, додека бројот на ноќевања за истиот период е повисок за 262 отсто.

Во функција на продолжување на ваквата тенденција, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија и Македонска-руската стопанска комора потпишаа Меморандум за соработка (22.09.2021 година). Меморандумот го потпишаа д-р Љупчо Јаневски, директор на АППТ и м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.Со него се предвидува во иднина да се интензивира соработката на полето на размена на информации за туризмот, трговијата, туристичката индустрија, услугите и научно-образовните знаења. Унапредувањето на билатералната соработка треба да придонесе за натамошен развој на меѓусебните односи и на соработката на научно-деловните заедници со Руската Федерација и тоа преку деловни средби, бизнис форуми и семинари. Соработката помеѓу двете земји на овие полиња ќе се евалуира еднаш годишно, врз основа на што ќе се проектираат активностите за наредната година.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот веќе следниот месец ќе отпочне со промотивни активности на овој пазар, а дополнително, со асистенција на Македонско-руската стопанска комора ќе организира презентации пред руски тур-оператори во Москва и Санкт Петербург.
Просечниот престој на руските туристи во земјава изнесува 2,3 дена во текот на првите седум месеци за 2021 година, додека посетите на веб страната Macedonia-timeless се покачени за три пати откако е најавена директната линија Москва – Скопје. Интересот на руските туристи генерално е насочен кон гастрономијата и верскиот туризам, но не е и помалку значаен интересот што овој пазар го има за специјализирани кратки одмори, до 4 дена, во Скопје и Охрид.