Обем на стоковната размена со странство на Република Македонија до крајот на април

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-април 2016 година, изнесува 82 624 800 илјади денари и бележи пораст од 9.5% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-април 2016 година, изнесува 116 097 571 илјади денари што е за 4.4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-април 2016 година, изнесува 33 472 771 илјади денари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-април 2016, изнесува 71.2%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони
или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Во периодот јануари-април 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

Стоковна размена изразена во САД долари

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-април 2016 година, изнесува 1 489 998 илјади САД долари, и бележи пораст од 9.5% во однос на истиот период од претходната година, а вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2 093 891 илјади САД долари, што е за 4.5% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-април 2016 година, изнесува 603 893 илјади САД долари.(Државен завод за статистика)