Дирекцијата за вршење услуги со хартии од вредност, при Комерцијална банка АД Скопје, Членка на Македонско-руска стопанска комора, успешно ја реализираше првата трансакција со хартии од вредност на странски пазар. Во рамките на предвидениот рок (Т+2) трансакцијата беше и успешно порамнета од страна на Дирекцијата за вршење старателски работи.

Оваа трансакција беше извршена за постоечки клиент, за кој беше проследен и реализиран налог на германската берза Xetra за купување обични акции. Вкупната вредност на трансакцијата изнесуваше 30.110 евра. На 17.07.2019 е реализиран и налог на физичко лице за купување обични акции на Xetra во вкупна вредност од 4.678 евра.

Комерцијална банка со оваа трансакција потврди дека за краток период ги воспостави системските услови и законски предвидените процедури за тргување со хартии од вредност во странство по налог на домашни и на странски физички и правни лица. Брокерските и старателските услуги од Комерцијална банка се достапни за вршење трансакции на која било регистрирана берза во светот, при што за клиентите се обезбедени сите потребни информации за условите и трошоците за спроведување на бараната трансакција.