Комерцијална банка АД Скопје во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Европската Унија (ЕУ-ИПА Фондови) на 19.12.2019 година ја исплати првата стимулација (грант) од Програмата за унапредување на конкурентноста кај малите и средните претпријатија.

 По само 11 месеци од склучениот договор помеѓу Комерцијална банка АД Скопје и ЕБРД за учество во Програмата за унапредување на конкурентноста кај МСП компаниите исплатена е првата стимулација во висина од 52.350 евра. Грантот е наменет за успешно имплементираниот инвестициски проект за набавка на машина за дување и на алатка/калапи за ПЕТ-преформација,. Новонабавените машина и алатка го намалуваат создавањето отпад, а здравствените и безбедносните услови на работното место се подобруваат бидејќи процесот сега е целосно автоматизиран, со што се елиминира ризикот од повреди, особено заради  значителното намалување на бучавата. Со оваа инвестиција компанијата усогласи широк спектар на стандарди со ЕУ-Директивите кои се однесуваат на безбедноста на храната, отпадот и на здравјето и безбедноста.

 Во моментов, искористеноста на Програмата во Комерцијална банка АД Скопје е 70%. Целта на Програмата е поддршка во финансирање микро, мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија за подобрување на конкурентноста и усогласување на техничките стандарди со ЕУ законодавството (EU Acquis Communautaire) во полето на заштита на животната средина, безбедноста на работниците, квалитетот и безбедноста при работа. Стимулацијата и бесплатната техничка поддршка понудени во рамките на оваа Програма се финансирани со средства од Европската Унија.