Комерцијална банка, членка на Македонско-руската стопанска комора, ги информира корисниците на кредитни картички за правни лица дека е објавена Јавна понуда за промена на договорните услови со цел да го олесни финансискиот товар со кој клиентите се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на кризата предизвикана од ковид  19.

Согласно понудата, Комерцијална банка одобрува грејс период од шест месеци за плаќање на достасани обврски по основ на кредитните картички за правни лица, период во кој Банката нема да пресметува минимален износ за плаќање.

Целосната понуда е достапна на следниот линк:https://www.kb.com.mk/Default.aspx?sel=3570&lang=1&uc=1

Од Комерцијалната банка ги повикуваат Понудата внимателно и детално да ја разгледаат и да одлучат дали ја прифаќаат или ја одбиваат.

Доколку ја прифаќаат Понудата, потребно е најдоцна до 10 април 2020 година до 16 часот да ја известат Банката електронски или писмено. Во спротивно, ќе се смета дека ја одбиваат понудата.

Комерцијална банка во соопштението наведува дека за време на важноста на понудата ќе го стопира извршувањето на трајните налози за пренос на средства од трансакциска сметка на правното лице за покривање достасан долг на кредитна картичка за сите клиенти.

Доколку сакаат да извршат уплата, како што наведуваат од Банката, треба да го направат самостојно.

Инаку, со новата Уредба за примена на Законот за трговските друштва (Службен весник на РСМ бр.87/2020) се исполнети законските услови и Комерцијална банка АД Скопје на 02.04.2020 година го одржа своето редовно Годишно собрание, на кое акционерите учествуваа и гласаа преку писмена кореспонденција.

 Акционерите потврдија дека Банката ја заврши 2019 година со бруто-добивка во износ од 1.986,7 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 179,9 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 1.806,8 милиони денари. Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.806,8 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 55% од номиналната вредност на акцијата, односно по 550 денари на една акција. Заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 553 милиони денари да се издвои во резерви.

Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2019 година, како и Извештајот за усогласеноста на работењето на Банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза во 2019 година и повторно ги избра членовите на Надзорниот одбор на Банката за следните 4 години. (Комерцијална банка)