Руската федерација сака Европската Унија да остане голема економска сила, соопшти Кремљ, коментирајќи го гласањето на Британија за напуштање на Унијата. Москва сака ЕУ да остане голема економска сила која е просперитетна, стабилна и предвидлива, рече портпаролот Дмитри Песков.
-Ние имаме прилично тежок товар на проблематичните врски со Велика Британија. Се надеваме дека во новата реалност ќе превагне разбирањето на потребата за добри односи со нашата земја,- изјави Песков, во првото реагирање на Кремљ, по резултатите од британскиот референдум.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, вели дека гласањето за излегувањето на Британија од Европската унија го ордазува незадоволството од миграцијата, грижите за безбедноста и го отсликува незадоволството од европската бирократија, пренесува Ројтерс. Тој рече дека ќе се обиде да ги минимизира ефектите од „Брегзит“ врз руската економија и ако е потребно земјата ќе ја менува економската политика. Путин истакна дека не очекува „Брегзит“ да влијае на санкциите кон Русија и оти клучот за решавање на проблемот со санкциите лежи во Киев.
Додека на сцена е раздужувањето на ЕУ, деновиве беше најавено дека Евроазиската економска унија (ЕЕУ) и Кина можат да воспостават зона на слободна трговија.Тоа го најави лично претседателот на Русија, Владимир Путин.
-Таа зона никако не претставува обид за основање на ексклузивен трговски и економски блок, – вели Путин во интервју за кинеската новинска агенција Ксинхуа, – Општиот развоен пат на глобалната економија, како и нашата соработка со Кина, мора да вклучи постепено отстранување на сите бариери за покренување на соработката. Во почетните фази, тоа може да имплицира воспоставување на зона на слободна трговија.