Компанијата „Кривогаштани промет“, членка на Македонско-руската стопанска комора,  е единствената компанија од прехранбениот сектор која се закити со признанието „Македонски квалитет 2019“. Престижното признание за афирмација на македонскиот квалитет во земјата и интернационално, го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на македонскиот претседателот, Стево Пендаровски.

Со признание се закити и Горан Цуцулески, менаџер на „Кривогаштани промет“.Тој ја доби наградата „Претприемач на годината“ за мали  претпријатија.

-Добивме признание како извозници и промотери на домашните македонски производи. Ние имаме признанија од повеќе од 20 земји во светот, но тие од дома повеќе ни значат. Впрочем, и најголемите критичари ни се тука,  – вели Горан Цуцулески, – генерален менаџер на „Кривогаштани промет“. 

Овој македонскиот производител е сместен буквално во селска средина во која природата има главен збор, а современата фабрика е  подигната на дел од објектот на  некогашниот пропаднат ЗИК „Прилеп“. Модерниот капацитет проработе од пред пет години  и им овозможи на сопствениците да го финализираат своето огромно искуство  во трговијата со пиперки и со нивна преработка.Компанијата постои 28 години, но последните пет години и  ја исцртаа иднината.Во овој момент се произведуваат печени деликатестни (ајвар, толчена пиперка, закуска), кисели традиционални (феферончиња, бабурчиња) и кремасти полнени производи (пиперчиња со сирење, фергеса). За производите на „Кривогаштани промет“, во кој „кралот“ е ајварот,  стои констатацијата – кој пробал друг производ не купува!