Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во Москва, Руска Федерација,  имаше работна средба со заменик-министерот за земјоделство на руската Федерација, Сергеј Левин (11.10.2019 година).На средбата,  освен делегацијата од МЗШВ, присуствуваше и  м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Mакедонско-руската стопанска комора.

Во разговорите, рускиот заменик-министер Сергеј Левин, истакна дека македонските производи се многу ценети на рускиот пазар и за нив постои голем интерес, истовремено посочи дека очекува во следниот период извозот на руски производи во Република Северна Македонија да се зголеми, којшто во моментов изнесува околу 1 милион долари годишно.

Министерот Димковски, посочи дека МЗШВ ќе ја продолжи поддршката на саемите „Продекспо“ и „Мир Питание“, како и на „Македонскиот дом“ во Москва. На состанокот Димковски и Левин се согласија за продолжување на соработката помеѓу македонската Агенција за храна и ветеринарство и Фитсанитарните служби со Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор – Росселхознадзор, што е важно за непречена трговска размена помеѓу двете земји.

Димковски го информираше заменик-министерот Левин дека на почетокот на месецов, од страна на македонската Агенција за храна и ветеринарство до руската Росселхознадзор, е упатено барање за отпочнување постапка за одобрување и ставање на листата на објекти и оператори за извоз на млечни производи во Руската Федерација и посочи дека е потребно да се забрза процедурата затоа што постои интерес од бизнисмените од двете држави. Димковски изрази благодарност за веќе одобрените извозни дозволи за три фирми кои произведуваат млеко и млечни производи и за една компанија од месната индустрија,коишто започнаа со извоз на рускиот пазар.

Заменик-министерот Левин, ја потенцираше важноста за почитување на фитосанитарните и ветеринарните стандарди при извоз на рускиот пазар и усогласување на потребната документација со повисок степен на заштита на сертификатите за извоз.

Димковски го информираше Левин, дека од македонската страна се започнати подготвителните активности со сите вклучени институции во државата, за одржување на 9 – та седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка, која што ќе се одржи следниот месец во Охрид.

На состанокот од руска страна присуствуваше и Ина Жарова, претседател на Фондот Македонско – руско пријателство и директор на „Македонскиот дом“ во Москва, кој е финансиски поддржан од МЗШВ. Жарова истакна дека досегашното искуство е многу позитивно и претстои голема работа за унапредување на промоцијата и маркетингот на македонските земјоделски производи во Русија.(МЗШВ)