„Лукоил“ – Македонија во Радовиш ја пушти во употреба новата бензинска станица, која е 28-та што компанијата ја отвора во Македонија.
Таа ќе нуди услуги за граѓаните од овој регион покрај веќе отворените бензинските станици во Велес, Штип, Кочани, Струмица и во Гевгелија.
Бензинската станица се наоѓа на булеварот „Александар Македонски“ и се простира на 2.500 м2. Се работи за повеќенаменски комплекс со маркет, паркинг за лесни моторни возила, wi-fi пристап и други поволности.
Радовиш е втор по големина град во југоисточниот регион на Македонија, чија главна врска со градот претставува магистралниот пат Штип – Радовиш – Струмица.
– Горди сме што успеавме да ја отвориме 28. бензинска станица на „Лукоил“ Македонија и да му обезбедиме на локалното население најефикасна и најквалитетна услуга. И оваа бензинска станица како и останатите ќе ги следи светските трендови, новите критериуми и ќе нуди поквалитетни горива и ниво на услуги за да им овозможиме врвно искуство на нашите потрошувачи од Радовиш и околината, – изјави на отворањето генералниот директор на компанијата Андреј М. Куку.
„Лукоил“ е присутен на македонскиот пазар десет години и претставува една од 10-те најголеми странски инвеститори во земјава, со вложени повеќе од 45,98 милиони евра во македонскиот енергетски сектор и пласирано над еден милион тони нафтени деривати на македонскиот пазар.
Во рамки на глобалната групација, „Лукиол“ Македонија досега два пати беше прогласена за најдобро претпријатие надвор од границите на Русија.