Русија ги зголемува своите резерви на злато и само во јули додаде 29 тони. Тоа е околу четири пати повеќе од вкупните резерви на Македонија, која има 7 тони и е втора во регионот.
Лидер во регионот е Србија со околу 20 тони злато. На третото место е Словенија со 3,5, а потоа следува Босна и Херцеговина со 3 тони злато.
Хрватска нема ни грам злато во своите резерви. Уште во 2001 година Хрватската народна банка ги продаде сите резерви на злато (13 тони) за 117 милиони долари. Дел од хрватските економисти сметаат дека хрватската монетарна политика не може да биде независна без златото, но во ХНБ го негираат тоа, тврдејќи дека златото е ризична инвестиција.
Во меѓувреме, Централната банка на Русија во мај складира 20 тони во својата ризница, а во јуни дополнителни 17 тони. На тој начин Русите ги зголемија своите резерви за 66 тони во рок од само три месеци, а вкупната вредност на резервите сега се проценува на 76 милијарди долари.
Купувањето злато се совпадна со намалувањето на американските владини обврзници, односно американскиот државен долг во резервите на руската централна банка.
Моментално американските обврзници претставуваат 17 отсто од вкупните резерви на Централната банка на Русија, што е значително помалку отколку на почетокот од годината.
Според аналитичарите, со купувањето на златото Русија сака да ја намали својата изложеност на доларот среде затегнатите односи меѓу Москва и Вашингтон. Исто така, Русите се подготвуваат за потенцијалните нови санкции од Доналд Трамп кои би ги спречиле во продажбата на американските владини обврзници.
Според најновите податоци на Светскиот совет за злато, Русија е на шестото место според големината на резервите на злато. Со новите дополнувања Русите сега имаат вкупно 1.944 тони злато, и ги надминаа Кинезите, но се уште се далеку од Американците, кои убедливо го држат првото место со повеќе од 8.000 тони. На второто место е Германија со 3.300 тони, а во првите пет влегоа и Меѓународниот монетарен фонд, Италија и Франција.