За десет месеци од минатата година обемот на  вкупната размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација ја достигнала вредноста од 446,6 милиони САД долари (преклани во истиот период  204,7 милиони САД долари), што е раст со индекс од 218,1 отсто.

Македонските компании во периодот од јануари до ноември на рускиот пазар пласирале  стока речиси вредносно во ист обем како и во претходната година. Извезени се производи за 52 милиони САД долари (преклани во истиот период 52,9 милиони САД долари), што е минимален пад од 1,7 отсто.

Меѓутоа, во овој период висок раст бележи увозот од Руската Федерација кој пораснал со индекс од 259,9 отсто. Вредносно увезена е стока за 394,5 милиони САД долари (преклани за десет месеци 151,8 милиони САД долари).

Во овој период Руската Федерација е единаесети трговски партнер на земјава.

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, Република Северна Македонија остварила вкупна размена со светот во вредност од 19,7 милијарди САД долари. Притоа, извозот на стоки од Република Северна Македонија, изнесувал нешто над  8 милијарди САД долари и бележи пораст од 7 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесувала 11, 6 милијарде САД долари, што е за 13.2 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2022 година, изнесувал 3, 6 милијарди САД долари. 

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – ноември 2022, изнесува 68.9 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот се најмногу застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – ноември 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.