Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, обемот на стоковната размена на земјава со странство во првите пет месеци од годинава го достигнал нивото од 6,865 милијарди САД долари. Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2019 година, изнесува 2,959  милијарди  САД долари и бележи пораст од 6.4 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3,906 милијарди САД долари, што е за 5.6 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – мај 2019 година, изнесува 946 милиони САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – мај 2019 година, изнесува 75.8 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – мај 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.