Република Северна Македонија до крајот на август остварила вкупен обем на трговска размена со светот во износ од 10,946 милијарди САД долари.
Вкупната вредност на македонскиот извоз на стоки во овој период ја достигнала сумата од 4,754 милијарди САД долари и бележи пораст од 7.3 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6,192 милијарди САД долари, што е за 5.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во
периодот јануари – август 2019 година, изнесува 1,437 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – август 2019 година,
изнесува 76.8 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството
на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија,
сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови,
деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или
повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со
палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се
застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите
метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав,
нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и
керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – август 2019 година, според вкупниот обем на
надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со
Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.