Во првите три месеци од годинава Република Северна Македонија бележи висок пораст на извозот во Руската Федерација од 41,1 отсто и пад на увозот од 3,3 отсто.Во овој период компаниите од земјава на рускиот пазар пласирале стока во износ од 9,41 милиони САД долари (лани во истиот период 6,67 милиони САД долари).До крајот на март од Русија е увезена стока за 48,61 милиони САД долари, додека лани узозот изнесувал 50,24 милиони САД долари.
Вкупната трговска размена во првите три месеци од годинава, пак, е речиси на нивото од истиот период лани. Компаниите од двете земји истргували стока во висина од 58,02 милиони САД долари, додека лани во овој период бројката изнесувала 56,92 милиони САД долари. Или, годинава е забележан раст во размената од само 1,9 отсто во однос на истиот период лани.
И натаму трговскиот дефицит на страна на Република Северна Македонија е висок и во првите три месеци изнесувал 39,19 милиони САД долари.
Руската Федерација во овој период е е 19-ти трговски партнер на Република Северна Македонија.
Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика,  вкупниот обем на трговската размена на нашата земја со странство  до крајот на март достигнала вредност од 3,99 милијарди САД долари.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – март 2019 година, изнесува 1,73 милијарди САД долари и бележи пораст од 7.7% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2,25 милијарди САД долари, што е за 2.8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – март 2019 година, изнесува 520,56 милиони САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – март 2019 година, изнесува 76.9%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – март 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.