Македонскиот извоз во Руската Федерација до крајот на септември годинава бележи висок раст од 32 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Раст бележи и вкупната размена која во првите девет месеци ја достигнала вредноста од 134, 279 милиони САД долари.Притоа, компаниите од земјава на големиот руски пазар пласирале стоки во вредност од 34,462 милиони САД долари. Македонскиот увоз од Руската Федерација ја достигнал бројката од  близу сто милиони САД долари (99,815 САД долари).

Република Северна Македонија во овој период остварила  трговски дефицит во размената со Русија во висина од 65,352 милиони САД долари.

За натамошно интензивирање на меѓусебната економска соработка на 14-ти ноември 2019 година во хотелот „Хилтон“ во Скопје  ќе се одржи  бизнис – форум меѓу компании од Република Северна Македонија и Руската Федерација.На деловната средба во Скопје се очекува да присуствуваат седумдесетина компании од двете земји, а на присутните бизнисмени се очекува да им се обрати и  Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија. На форумот ќе зборуваат и д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација  на економските ресурси, Алексеј Груздев, заменик министер за економски развој на Руската Федерација, Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија и Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Република Северна Македонија.

По одржување на бизнис форумот ќе се остварат и билатерални средби меѓу деловните луѓе од двете земји.