И покрај пандемијата и малаксаната стоковна размена на земјава со светот, вкупната трговија меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација во периодот од јануари до ноември 2020 година бележи раст од 6 отсто и ја достигна вредноста од 187,2 милиони САД долари (преклани во истиот период 176,7 милиони САД долари).
Македонските компании пласирале стока на рускиот пазар за 51,5 милиони САД долари (преклани 46,9 милиони САД долари), што е за близу десетина повеќе или поточно раст од 9,7 отсто.За единаесет месеци од ланската година мекедонскиот увоз од Русија изнесувал 135,7 милиони САД долари (преклани 129,7 милиони САД долари), што е повеќе за 4,6 отсто во однос на истиот период од преклани.
До крајот на ноември Република Северна Македонија со Руската Федерација бележи трговски дефицит во висина од 84,2 милиони САД долари.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари – ноември 2020 година, изнесува 5,97 милијарди САД долари и бележи пад од 9.9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7,74 милијарди САД долари, што е за 9.7 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит во размената на земјава со светот во перидот јануари – ноември 2020 година, изнесува 1,77 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари – ноември 2020 година, изнесува 76.9 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – ноември 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.
Вкупната размена изразена во денари
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2020 година, изнесува 322 706 639 илјади денари и бележи пад од 11.3 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – ноември 2020 година, изнесува 419 453 465 илјади денари, што е за 10.9 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2020 година, изнесува 96 746 826 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари – ноември 2020 година, изнесува 76.9 %.
Вкупната размена изразена во евра
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2020 година, изнесува 5 232 561 илјада евра и бележи пад од 11.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6 801 375 илјади евра, што е за 11.2 % помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2020 година, изнесува 1 568 814 илјади евра.(С.П.)