Македонските компании до крајот на октомври го зголемиле својот извоз во Руската Федерација за 42,4 отсто!На големиот руски пазар е направен извоз во висина од 36,3 милиони долари, додека лани во истиот период тој изнесувал 25,5 милиони долари.
Додека македонскиот извозот бележи голем пораст, вкупниот обем на размена меѓу Македонија и Руската Федерација до крајот на октомври опаднала за 4,9 отсто.Во овој период двете држави меѓусебно истргувале стока во вредност од 152,4 милиони долари, додека лани таа вредност изнесувала 160,3 милиони долари.
Во размената со Руската Федерација опаѓа и македонскиот увоз и тоа за 13,9 милиони долари. Од Русија увезени се стоки во вредност од 116 милиони долари, додека лани до крајот на октомври увозот изнесувал 134,7 милиони долари.
Инаку, како што соопштува Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-октомври 2016 година, изнесува 3 967 142 илјади САД долари и бележи пораст од 5.8% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5 561 627 илјади САД долари, што е за 5.8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари- октомври 2016 година, изнесува 1 594 485 илјади САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-октомври 2016, изнесува 71.4%.

         Обемот на стоковната размена на Р. Македонија со странство

Обем на размената, 01-10 2016 Покриеност на увозот со извоз
526 458 816 илјади денари 71.4 %
8 544 263 илјади евра 71.4 %
9 528 769 илјади САД долари 71.3 %
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-октомври 2016 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.(С.П.)