За пет месеци македонскиот извоз во Русија пораснал за 28,5 отсто! Македонските компании на овој пазар продале стока во вредност од 26,4 милиони САД долари (лани до крајот на мај 20,5 милиони САД долари). Истовремено, увозот бележи опаѓање за дури 16,5 отсто, со оглед на податокот дека од оваа земја е купена стока во висина од 163,8 милиони САД долари (лани 196,1 милиони САД долари.

Опаѓа и вкупната стоковна размена меѓу двете земји за 12,2 отсто.Таа во периодот од јануари до март ја достигнала сумата пд 190,3 милиони САД долари (лани во истиот период 216,7 милионми САД долари).

Трговскиот дефицит на македонска страна и понатаму е значајно висок и изнесува137,3 милиони САД долари.

Руската Федерација во овој период е 12 трговски партнер на земјава.

Македонското стопанство  за првите  пет месеци во годинава остварило обем на стоковна размена со странство во висина од 8,81 милијарди САД долари. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2023 година, изнесува 3,84 милијарди САД долари и бележи пораст од 4,1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,97 милијарди САД долари, што е за 9,2% помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит на земјава, во периодот јануари – мај 2023 година, изнесува 1,12 милијарда САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – мај 2023 година, изнесува 77.3 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – мај 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.