Македонскиот извоз во Руската Федерација за пет месеци од годинава вредносно е за речиси петина (19,7 отсто) помал отколку во истиот период од минатата година, додека увозот е близу четири пати повисок (пораст од 395,2 отсто).Вкупната размена меѓу двете земји во периодот јануари-мај достигнала вредност од 216,7 милиони САД долари (лани во истиот период 75,2 милиони САД долари), што е речиси колку целиот износ на размена што беше остварен за целата ланска година.Вкупниот пораст на меѓусебното тргување процентуално е повисок за 287,9 отсто.
Македонските компании на рускиот пазар до крајот на петиот месец од годинава пласирале стока во висина од 20,5 милиони САД долари, што е 5 милиони САД долари помалку од истито период лани.Од друга страна, извозот вредносно рапидно пораснал и ја достигнал бројката од 196,1 милиони САД долари (лани во вој период увозот изнесувал 49,6 милиони САД долари) и бележи раст од 395,2 милиони САД долари.
Ваквата висока дискрапанца меѓу македонскиот извоз и увоз од Русија значително го зголеми трговскиот дефицит на нашава земја, кој за овој период ја достигна бројката од 175,5 милиони САД долари.
Според вредноста на вкупната размена во првите пет месеци од годинава Руската Федерација е десети трговски партнер на земјава.
Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, земјава во првите пет месеци од годинава остварила вкупна размена со странство во висина од 9,1 милијарди САД долари. Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2022 година, изнесува 3,69 милијарди САД долари и бележи пораст од 8,4 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5,47 милијарди САД долари, што е за 18,4 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – мај 2022 година, изнесувал 1,77 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – мај 2022 година, изнесува 67.5 %.
Во извозот најзастапени се благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1. Во увозот се најмногу застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, освен сурови, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во периодот јануари – мај 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.