Вкупниот обем  на трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација во 2019 година ја достигнала вредноста од 194.5427.987 САД долари. Македонските компани извезле стока на рускиот пазар во висина од 52.149.341 долари, додека увезле речиси три пати повеќе или точно 142.393.646 долари.

Заради ваквите резултати, Република Северна Македонија лани остварила трговски дефицит во трговијата со Руската Федерација во износ од 90.244.305 долари.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, пак, вкупната размена со Заедницата на независни држави (Русија, Азербејџан, Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан) во 2019 година ја достигнала вредноста од 363.909.000 долари.Македонскиот извоз ја достигнал висината од 71.821.000 долари, а увозот е четри пати повисок – 292.088.000 долари.

Македонија со ЗНД лани остварила трговски дефицит од 220.267.000 долари.

Според соопштението на македонскиот Државен завод за статистика, вкупниот обем на трговската размена на земјава со светот лани ја достигнал сумата од 16,657 милијарди САД долари. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесувал 7,187 милијарди САД долари и бележи пораст од 4.0% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувал 9,470 милијарди САД долари, што е за 4.6% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 2,282 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 75.9%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – декември 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.Руската Федерација не е меѓу 20 држави со кои земјава имала највисок обем на трговска размена.(С.П.)