Македонскиот извоз во Русија расте, додека опаѓа вкупната размена и увозот – тоа се резултатите од стоковната размена меѓу двете земји во првата половина од годинава.За шест месеци македонските компании на овој пазар пласирале стока во вредност од 29,35 милиони САД долари (лани во истиот период 27,89 милиони САД долари) што е раст за 5,5 отсто.Вкупната размена меѓу С. Македонија и Русија до крајот на јуни ја достигна вредноста од 195,82 милиони САД долари (лани 233,78 милиои САД долари) што е опаѓање од 16,2 отсто.
Намален е и увозот од Руската Федерација за 19,2 отсто. Од оваа земја купена е стока во висина од 166,47 милиони САД долари (лани до крајот на јуни увезено 205,95 милиони САД долари).
С.Македонија и натаму бележи висок трговски дефицит во размената со Русија во висина од 137,12 милиони САД долари. До крајот на јуни Руската Федерација е 13 трговски партнер на нашата земја.
Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, за половина година вкупната размена на С.Македонија со светот ја достигна вредноста од 10,51 милијарди САД долари. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 4,59 милијарди САД долари и бележи пораст од 2,7% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 5, 98 милијарди САД долари што е за 8.4% помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2023 година, изнесува 1,39 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари-јуни 2023, изнесува 76.8%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во периодот јануари-јуни 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.