Македонските компании во првата половина од годинава на пазарот на Руската Федерација извезле производи за рачиси 7 милиони долари повеќе отколку во истиот период лани.Тоа е пораст за третина или поточно за 33,4 отсто. Ова може да се види од претходните податоци на Државниот завод за статистика, во кои е евидентирано дека за шест месеци македонскиот извоз во Русија ја достигнал сумата од 27,3 милиони САД долари, додека лани таа сума изнесувала 20,5 милиони САД долари. Истовремено, вкупната размена на земјава со светот повеќе месеци бележи загрижувачко опаѓање.
Во пораст е и вкупната размена на Република Северна Македонија со Руската Федерација која е повисока за речиси четвртина во споредба со првата половина од минатата година или за 24,2 отсто. Апсолутните бројки зборуваат дека компаниите од двете земји меѓусебно истргувале стока во висина од 109,8 милиони САД долари, додека лани таа сума изнесувала 88,4 милиони САД долари.
За 21,4 отсто е поголем и македонскиот увоз од Русија.До крајот на јуни од Русија е купена стока во вредност од 82,4 милиони САД долари, додека лани до јуни увозот изнесувал 67,9 милиони САД долари.
Република Северна Македоонија во овој период бележи трговски дефицит во размената со Русија во висина од нешто над 55 милиони САД долари.
Истовремено, обемот на размената на земјава со светот драматично опаѓа и за шест месеци ја достигнала бројката од 6,39 милијарди САД долари.Според претходните податоци статистичарите, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари ‒ јуни 2020 година, изнесува 2,7 милијарди САД долари и бележи пад од 24% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3,69 милијарди САД долари, што е за 20% помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во перидот јануари ‒ јуни 2020 година, изнесува 985,8 милиони САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари ‒ јуни 2020 година, изнесува 73.2 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот e најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.(С.П.)