До крајот на јули годинава Република Македонија го зголемила извозот во Руската Федерација за 48,9 отсто, а увозот го намалила за 39,1 отсто во споредба со истиот период од 2015 година. Претходните податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија, покажуваат дека на рускиот пазар во овој период се пласирани стоки во вредност од 26 милиони долари (лани 17,5 милиони долари), а од таму се увезени за 66,8 милиони долари (лани 109,7 милиони долари). Ваквиот обем на тргување со големиот руски пазар придонел трговскиот дефицит на Македонија со Руската Федерација да биде повеќе од преполовен и до крајот на јули да достигне 40,7 милиони долари.Лани во овој период Република Македонија имала негатива во размената со Руската Федерација од 91,4 милиони долари.
Тоа е добрата вест за Република Македонија во трговијата со Руската Федерација, со оглед на фактот што размената се движи кон врамнотежување и намаленување на големиот дисбаланс на македонскиот извоз и увоз на стоки од овој пазар.
Но, лошата вест е што тоа се случува во услови кога меѓусебната трговска размена за првите седум месеци од 2016 година има тренд на опаѓање од дури 27 отсто. Во овој период двете земји реализирале размена во висина од 92,9 милиони долари, додека лани таа бројка изнесувала 127,2 милиони долари.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија, пак, вкупната вредност на извозот на стоки од земјава, во периодот јануари-јули 2016 година, изнесува 149 914 654 илјади денари и бележи пораст од 5.2% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-јули 2016 година, изнесува 211 186 281 илјади денари што е за 4.0% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јули 2016 година, изнесува 61 271 627 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-јули 2016, изнесува 71.0%.
Еве како изгледаат сметките изразени во долари.Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-јули 2016 година, изнесува 2 710 526 илјади САД долари, и бележи пораст од 5.6% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3 821 115 илјади САД долари, што е за 4.4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јули 2016 година, изнесува 1 110 590 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-јули 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Италија.(С.П.)