Македонскиот извоз во Руската Федерација во првите два месеци од годинава бележи висок пораст од дури 54,1 отсто и ја достигнал вредноста од 5,66 милиони САД долари (лани во истиот период биле истргувани 3,67 милиони САД долари). И вкупната размена меѓу двете земји е повисока речиси за третина (32,8 отсто).Двете земји до крајот на фебруари оствариле вкупна размена од 35,9 милиони САД долари, додека лани таа бројка изнесувала 27 милиони САД долари.Расте и македонскиот увоз од Русија и тој во овој период достигнал сума од 30,2 милиони САД долари, а минатата година тој изнесувал 23,3 милиони САД долари, што значи дека расте за 29,4 отсто.
Во меѓусебната трговија во овој период Република Северна Македонија во размената со Руската Федерација бележи трговски дефицит од 24,5 милиони САД долари.
Во овој период Русија е 19 трговски партнер на земјава.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната размена на Република Северна Македонија со светот во првите два месеци од годинава изнесувала 2,48 милијарди САД долари. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – февруари 2019 година, изнесува 1 075 052 илјади САД долари и бележи пад од 1.0 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1 416 730 илјади САД долари, што е за 1.3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари 2019 година, изнесува 341 678 илјади САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – февруари 2019 година, изнесува 75.8 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – февруари 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.