Македонските градежници годинава дигнаа раце од големиот руски пазар.Според податоците на Државниот завод за статистика до крајот на септември македонската градежна оператива нема ниту договорени, ниту пак извршени градежни работи во Руската Федерација, земја во која некогаш беше значајно ангажирана и изведуваше големи градби.
Генерално, македонските градежни компании во првите девет месеци бележат забележлив пад на вредноста на договорени градежни работи во странство, но и на – извршените.Причината за ваквата состојба во голем дел лежи во градежната експанзија во земјава и ангажманот на капацитетите на „домашен терен“.
Еве ги и податоците. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-септември 2016 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 2, 66 милијарди денари што е за 27.2% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Најголем обем на вредност на договори е потпишан со Босна и Херцеговина, Германија, Србија и Холандија.
Во наведениот период, градежната оператива од Република Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 1,95 милијарда денари што е за 8.4% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Зголемен обем на извршените градежни работи евидентиран е во Босна и Херцеговина, Германија, Холандија, Србија, Словенија, Косово, додека на другите пазари е регистриран намален обем. (С.П.)