Трговијата со стоки меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација во првата половина од годинава ја достигнала бројката од близу 85 милиони САД долари, или попрецизно 84,97 милиони САД долари. Македонските компании во оваа земја пласирале производи за 29,53 милиони САД долари, додека во истиот период од руските компании купиле стока за речиси двојно повисока сума – 55,44 милиони САД долари.
За шест месеци од годинава земјава бележи трговски дефицит со Руската Федерација во висина од 25,9 милиони САД долари.
Инаку, претходните податоци на Државниот завод за статистика, покажуваат дека земјава во првата половина од годинава остварила обем на стокова размена со светот во висина од 9,69 милијарди САД долари.Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – јуни 2021 година, изнесува 4,10 милијарди САД долари и бележи пораст од 51.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста, пак, на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5,59 милијарди САД долари, што е за 51.5 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2021 година, изнесува 1,48 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2021 година, изнесува 73.4 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).
Во периодот јануари – јуни 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.