-Република Северна Македонија има одличен годинашен старт во трговската размена со Руската Федерација.До крајот на март земјава бележи висок пораст на извозот во Руската Федерација од 41,1 отсто и пад на увозот од 3,3 отсто. Оваа земја се врати во клубот на дваесет најголеми трговски партнери на земјава и засега е на 19 место. Лани обемот на трговската размена беше во опаѓање и заврши со бројката од 119,4 милиони САД долари, што беше тринаесет милиони САД долари помалку отколку во 2017 година.Причината за ланското опаѓање беше појавата на мразеви што го намали родот на овошјето, но и појава на болест кај коскестото овошје заради што од почетокот на август беше воведена забрана за увоз на свежо овошје од Република Северна Македонија во Руската Федерација.Пред две недели во земјава престојуваше комисија на Агенцијата за храна и ветеринарство на Руската Федерација, ги посети сите места каде што беше детектирана болеста, состобата е драстично подобрена и се очекува да биде суспендирана забраната за увоз на свежо овошје.Тоа дава надеж дека годинава ќе биде надминат минатогодишниот обем на размена меѓу двете земји, како и на македонскиот извоз.
Ова го нагласи м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора на трибината насловена „Македонско-руските стопански односи“.Во организација на Македонско-руската стопанска комора и Регионалната комора со седиште во Битола, трибината беше одржана во Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ во Битола (9.5.2019 година).
Според зборовите на м-р Дејан Бешлиев, Руската Федерација во Северна Македонија пласира енергенси и производни машини, а овдешните компании на овој голем пазар пласираат фармацевтски производи, свежо овошје и зеленчук, тутун и индустриски производи од тутун, конзервни производи, кондиторски, млечни производи… Но, Република Северна Македонија и Руската Федерација ниту оддалеку ги немаат искористено можностите за развој на меѓусебната економска соработка и таа се одвива циклично.
-Потенцијалите се далеку повисоки од овие бројки и за нивно искористување треба упорно да се работи.Примерот со извозот на македонското вино тоа најдобро го отсликува. Во 2012 година македонските винарии на овој пазар пласираа само 100 илјади шишиња вино, лани беше достигната бројката од 2,1 милион шишиња, а за годинава веќе има заклучено договори за извоз на 2,5 милиони шишиња вино. Постојат шанси за соработка и во областа на туризмот, информатичко-комјутерската технологија, во другите сектори од земјоделско-прехрамбената индустрија, како и на многу други полиња.Македонско – руската стопанска комора која идната година ќе наполни 15 години од нејзиното постоење прави се меѓусебната соработка занчително да порасне.Таа е партнер со Стопанската комора на Руската федерација и на низа регионални комори, а со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство обезбедува настап на македоските компании со Национални штандови на две големи саемски манифестации – „Продекспо“ и „Мир Питание“ во Москва.Од годинава таа го финансира и Трговско-изложбениот „Македонски дом“ во главниот град на Русија во кој свои стоки имаат изложено 25 македонски компании чии производи се на дофат на руските дистрибутери.Сето тоа придонесува на рускиот пазар да се оддржи пласманот на овдешни производи, но да се појават и нови извозници, – подвлече м-р Дејан Бешлиев. – Сите овие можности треба да ги искористат и компании кои во своите бизнис планови го фокусираат големиот руски пазар.
Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора со седиште во Битола, го истакна изразитиот интерес на ова регионално стопанство за извоз во Руската Федерација.Во првите месеци од годинава компаниите кои делуваат на подрачјето на Регионалната комора со седиште во Битола неколкукратно го имаат зголемено извозот на овој голем пазар.
-Заедно со Македонско-руската стопанска комора на почетокот на јуни ќе организираме средба со компаниите од овој регион заради договор за уште поагресивен и пообемен настап на рускиот пазар.Нашата желба е обемот на трговската размена меѓу двете земји постепено да се зголемува и да ја достигне некогашната вредност од 1 милијарда САД долари. – најави Мирко Велковски.
По завршување на трибината, на собирот во Битола беше потпишано „Писмо на намери“ помеѓу Регионалното здружение за македонско-руско пријателство „А.А. Ростковски“ и Регионалната комора со седиште во Битола.