Македонските и руските компании за до крајот на август годинава истргувале стока во вредност од 124,9 милиони САД долари.Притоа, македонскиот извоз за осум месеци ја достигна вредноста од 38,2 милиони САД долари.Истовремено, овдешните компании купиле стока од Русија за 86,6 милиони САД долари.

Република Северна Македонија во размената со Руската Федерација во овој период забележила трговски дефицит во вредност од 48,3 милиони САД долари.

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, земјава за осум месеци остварила вкупна размена со светот во вредност од 12,9 милијарди САД долари. Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари –август 2021 година, изнесува 5,4 милијарди САД долари и бележи пораст од 40.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува  7,4 милијарди САД долари, што е за 43.3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2021 година, изнесува 2 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – август 2021 година, изнесува 73.0 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството накатализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).

Во периодот јануари – август 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.