До крајот на септември македонската размена со светот ја достигнала  сумата од 12,288 милијарди САД долари.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – септември 2019 година, изнесува 5,377 милијарди САД долари и бележи пораст од 6.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6,910 милијарди САД долари, што е за 4.8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – септември 2019 година, изнесува 1, 533 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2019 година, изнесува 77.9  %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – септември 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.