Македонските компании во првите десет месеци од годинава истргувале стока со светот во висина од нешто над 13,763 милијарди САД долари.Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – октомври 2019 година, изнесувала 6,004 милијарди САД долари и бележи пораст од 4.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7,759 милијарди САД долари, што е за 3.5 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 1,754 милијарди САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 77.4 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – октомври 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.(Државен завод за статистика)