Македонските компании за девет месеци од годинава извезле стока во Руската Федерација во износ од 42 милиони САД долари.Притоа, од руските партнери македонските бизнисмени купиле стока во износ од 107,4 милиони САД долари.

Тоа значи дека вкупната трговска размена меѓу двете земји во периодот од јануари до крајот на септември изнесувала близу 150 милиони САД долари (поточно 149,4 милиони САД долари).

Земјава во размената со Русија во овој период бележи трговски дефицит во износ од 65,4 милиони САД долари.

Инаку, Република Северна Македонија за девет месеци остварила вкупна стоковна размена со светот во висина од 14,4 милијарди САД долари.Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – септември 2021 година, изнесувала 6,133 милијарди САД долари и бележи пораст од 33.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8,341 милијарди САД долари, што е за 38.5 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари –  септември 2021 година, изнесува 2,207 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2021, изнесува 73.5 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта од подгрупата 821.1  и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).

Во периодот јануари – септември 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.