Руската Федерација ги има сите можности да влезе во првата тројка држави по бројот на странски туристи. Ова неодамна го изјави Олег Сафонов, директор на Федералната агенција за туризам на Руската Федерација. Зборувајќи на Серускиот форум „Одмаралишта 2016“ во Казањ, Сафонов додадал дека туризмот е гранка од светското стопанство кое активно се развива и е високо конкурентна. Токму од тие причини тој „смета дека Русија има огромен потенцијал нејзините граѓани да се одмараат во својата земја и да доаѓаат странски туристи во значително поголем број“.
-Годинава Руската Федерација прв пат влезе во првите 10 земји по посета на странски туристи.Ние сме на деветото место. Но, имаме големи амбиции. Сакаме Русија да влезе меѓу првите три најпосетени земји на светот. Според моето мислење тоа можеме да го постигнеме во не така долг период, -оптимистички изјавил Сафонов.
За остварување на таа цел тој посебно го издвоил потполно единствениот бањски комплекс на Русија, кој треба активно да се промовира, особено во странство, промовирајќи им ги на странските туристи посебните, речиси единствени услуги кои кај нив во матичните држави ги нема.
Ваквите оптимистички желби се едно, но состојбата на полето на туризмот е сосема друга.На домашен план финансиската кондиција на руските граѓани е се послаба. Една неодамнешна анкета на Серускиот центар за истражување на јавното мислење покажува дека само 36 отсто од граѓаните на Русија успеале да заштедат пари за летување, додека лани тоа им успеало на нешто малку над половината од граѓаните (54 отсто). Три посто од годинашниве потенцијални туристи ќе земат кредит за да го остварат предвиденото патување.
Земајќи предвид дека во изминатите години Русите претставуваа важни гости на многу дестинации, а они преферираат потопли мориња, податоците од споменатата анкета се многу битни за проценка на движењата во туризмот. Еве дел од нив. Во странство би сакале да заминат 21 отсто од анкетираните во однос на 27 отсто од минатата година.
Просечно Русите, кои себе може да си обезбедат одмор, ќе потрошат на него по 33.653 рубљи по член на семејството. Тоа е пораст од 3 отсто во однос на 2015 година, но со оглед на фактот дека рубљата изгуби на вредност не ги подобрува претходно изнесените неповолни бројки. Жителите на Москва и Санкт Петербург ќе потрошат повеќе од рускиот просек – просечно 41.300 рубљи по член на семејството. Тие, пак, Московјани и Петербургци кои се подготвуваат да заминат на одмор во странство на тоа задоволство ќе потрошат 58.659 рубљи по член на семејството. Едно евро во моментов чини 74,9 рубљи.
Е, сега, издвојуваме податоци кои би требало да бидат значајни за македонските туристички работници. Од Руските туристи кои патуваат во странство, бројот на оние кои ја посетуваат Грција пораснал за повеќе од 500 проценти. Податоците на Асоцијацијата на руските тур оператори, кои ги пренесува порталот „Москва тајмс“ зборуваат дека во месец март вкупно 10.000 руски туристи ја посетиле Грција, што е за 526,6 проценти повеќе во однос на истиот месец минатата година. Или, од јануари до април оваа година, речиси 20.000 Руси ја посетиле Грција, што е за 135 проценти повеќе одколку во истиот период во 2015 година.
Русите потрошија речиси осум милиони евра во Грција во текот на месец март, што е за 180 проценти поголема потрошувачката отколку во претходната година.Ваквиот растечкиот интерес на руските граѓани за Грција доаѓа во момент кога се на сила руските забрани за летовите кон Турција и Египет, некогаш најпопуларните дестинации за руските туристи.
За жал, иако „реки“ од Руски туристи се „влеваат“ во нашето соседство, запоседнувајќи ги егејско морските плажи, мал дел од нив се привлекуваат да ја посетат нашата земја.Тоа би требало да е сигнал за македонскиот туристички бизнис значително повеќе да се сврти кон соработка со Руските тур оператори, да ја зголеми туристичката пропаганда во оваа земја, за да може значително да го зголеми приливот на руските туристи. Вложувањата во ваквиот потфат може да бидат многу исплатлив, бидејќи една од карактеристиките на гостите од Русија е постојаност во посетите кога ќе откријат нова интересна туристичка дестинација.
Подготвил: Саво ПЕЈЧИНОВСКИ