За првпат, три врвни вина на ВВ „Тиквеш“, членка на Македоска-руската стопанска комора, освоија медали на најголемиот и од страна на купувачите најценет вински натпревар на Азискиот континет, што се одржува во Хонгконг – Кина. На годинешниот China Wine & Spirits 2016, во конкуренција од над 5000 глобални вински брендови, златни медали освоија црвеното тероар вино „Барово“ 2013-та и белото вино „Александрија куве“ 2015-та, а црвеното вино „Александрија Куве“ 2014 доби сребрен медал.
Карактеристично за овој реномиран вински натпревар е тоа што медалите за најдобрите вина на натпреварот ги доделуваат вински судии кои се претставници на најголемите увозници на вино, ресторани, хотели, специјалнизирани продавници и трговски ланци во Кина, кои точно знаат што сакаат потрошувачите на кинескиот пазар.
-Остваривме навистина одличен успех во Кина. Фактот што на овој натпревар изборот на наградените вина го прават оние што ги прават и нарачките нѐ охрабрува дека овие освоени медали ќе имаат големо значење во зголемувањето на пласманот на нашите вина на кинескиот пазар, – објаснува генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Игор Илиевски, напоменувајќи дека очекува дека овие награди „ќе ги подотворат вратите на кинескиот пазар и за останатите квалитетни македонски вина“.