Македонските производители на мед не се единствените што годинава имаат проблеми со производството и приностите. Во текот на есента и Русите можат да очекуваат поскапување на медот предизвикано од намалување на производството. Проценките одат дотаму што предвидуваат преполовување на приносите кај медарите, како што неодамна нагласи за “Известија” претседателот на Рускиот национален сојуз на пчелари,  Арнолд Бутов.
Причината се временските услови во текот на летото. Ако студеното и дождливото време во европскиот дел на земјата продолжи, пчелите нема да произведуваат мед дури ниту за хранење на пчелите во сандаците. Затоа постои ризик многу пчелни семејства да не ја преживеат зимата.
Арнолд Бутов  во сегашната ситуација препорачува пчеларите  да го остават целото производство во сандаците за да можат пчелните семејства да  презимат.
Тој ги предупредува земјоделците кои сакаат да го заменат медот со шеќерен сируп дека на тој начин го ослабнуваат  имунолошкиот систем на пчелите. И  додава дека поради дождливите денови пчелите летаат толку малку, така  што практично јадат сè што  собрале.
Пчеларството ќе побара помош од рускатат влада за олеснување на состојбата.
Мед од багрем произведен во јужните региони веќе поскапе за  50 отсто во однос на  минатата година заради намалените приноси.