Според менаџерите, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во ноември 2016 година е за 0,2 процентни поени повисок во однос на претходниот месец, а во однос на ноември 2015 година е зголемен за 4.6 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во ноември 2016, во однос на октомври 2016 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи сe речиси на еднакво ниво како и во претходниот месец.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во ноември 2016 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна во однос на ноември 2015 година. Оценката за бројот на вработени е дека ќе се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во ноември 2016 година изнесува 66.1% од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 23.3%, недоволната домашна побарувачка со 21.3% и недостигот на квалификувана работна сила со 15.2%.(Државен завод за статистика на РМ)