Модната  конфекција  „Астибо бејзик“, единствена во земјава која развива  сопствени модни брендови, ја претстави на  ревија колекцијата „Есен-зима 2019/20“ со надеж дека дел од нејзините прекрасни модели следната година ќе ги носат и руските љубители на модата.Волшебната ноќ на врвната мода од „Астибо“  во Штип  само ја потврди репутацијата што овој бренд  ја има во земјава и првенствено на просторите на бившите Југословенски републики, но истовремено покажа дека постојат реални можности  со креациите од кои застанува здивот да се зачекори на пистите во Руската Федерација  и  тие да бидат достапни и во тамошните модни бутици. На вечерта на модата присуствуваше и Н.Е.Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Република Северна Македонија со сопругата, како и м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско руската стопанска комора.

Само неколку дена по модната ревија компанијата ја посети  м-р Дејан Бешлиев и тој  водеше разговори со генералниот менаџер Симона Санева и ги разгледа производните погони во кои се креира и шие врвна мода.

-Македонско руската стопанска комора е подготвена да асистира „Астибо бејзик“ со своите модни креации да тргне во освојување и на Рускиот пазар.За таа цел ќе ја искористиме долгогодишната соработка што ја имаме со деловните асоцијации од оваа земја, посебно со Московската стопанска комора, – порача м-р Дејан Бешлиев.

Според менаџментот на компанијата,  во овој момент тие се во можност 30 до 40 отсто од капацитетот ведаш да го ослободат за рускиот пазар и тој процент да се зголемува во иднина.

-Настапот на овој пазар го гледаме во две насоки – соработка со компании кои нудат лон или „фул пакиџ“ услуги и, секако,  пласирање на нашите бренд производи во руските куќи на модата, – истакнува Санева. – Нашата шест децениска традиција ни овозможи силно да се етаблираме во регионов и денес се исклучително посакувани нашите модели во Босна и Херцеговина,  Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Косово, а повремено  пласираме производи и во Канада, Австралија и Франција. Во нашата развоја стратегија ги таргетиравме и пазарите на Русија, Белорусија, но и на другите земји од Евроазиската унија.

            За да ја реализира ваквата извозна стратегија „Астибо бејзик“ ја воведе технолошката иновација „Cad-Cam“ (автоматско кроење), постојано се посетуваат саеми и егзибициони форуми за следење на модата, а за селектирање на квалитетни добавувачи на ткаенини се вработуваат врвни експерти, консултанти и стручни кадри од областа на текстилната индустрија. Тука лежи и одговорот за високите стандарди и позицијата на конфекција „Астибо бејзик“ на модниот пазар, што го покажува фактот дека 90 отсто од производството се извезува.Лон производството е малку застапено, а „Астибо бејзик“ единствено шие за врвниот светски бренд Карл Лагерфелд.

            Оваа штипска компанија е позиционирана со сопствени брендови во делот на полутешки и тешки конфекциски производи.Месечно се произведуваат по 5.000 парчиња капути, блејзери и крзнени бунди, 15.000 парчиња пантолани и сукњи, 7.500 кошули и 8.000 фустани. Преовладуваат креациите за преставничките на понежниот пол.На годишно ниво се изработуваат и промовираат по 2 колекцији од по 300 различни модели.

            -Наопходно е да се позиционираме на нови пазари, бидејќи вкупната  текстилната индустрија, како и нашата компанија, се судира со тешки денови. Веќе не се зборува само за проблеми, туку за опстанок, а голем број мали текстилни фирми во Штип веќе ставија клуч на вратата.Моментално се завршуваат договорите од претходната година, а новите се редудуцираат и цените се намалуваат. „Астибо бејзик“ вработуваше и до 300 луѓе додека сега се сведе само на 100 вработени. – додава Симона Санева.

Токму рускиот пазар штипската бренд компанија го детектираше како шанса да го премости овој тежок период за оваа индустриска гранка.Симона Санева  и дизајнерскиот тим  се сигурни дека ќе го погодат вкусот на префинетите руски дами во Москва и другите подрачја од Руската федерација и тргнуваат  храбро во оваа источна модна авантура. Помош ќе им биде и тоа што и денес на многу светски  врвни модни производи кои се недута во Русија стои ознаката „Сделано в Македонии“.

                                                                        Саво Пејчиновски