Владимир Путин, претседател на Руската Федерација го потпиша на 31 јуни 2014 година декретот за укинување на рестриктивните економски мерки кон Турција. Со тоа, на руските тур-оператори повторно им е дозволена продажба на туристички ангажмани во Турција, кои беа забранети од крајот на ланскиот ноември кога турските сили го соборија рускиот бомбардер на сириско-турската граница.

Руската влада е задолжена, како што наведува службата за информирање на Кремљ, да преземе мерки за укинување на забраната за чартер летови меѓу Русија и Турција.

Турција повеќе од половина година живее во вонредна состојба прогласена поради серијата напади започната од јули 2015 година кои им се припишуваат на екстремната сунитска организација Исламска држава и на курдските милитанти, поради што земјата бележи загрижувачки пад на туризмот. Бројот на странските гости во април годинава паднал за 28 отсто, што е најголемо намалување во изминатите 17 години.

На туристичкиот сектор и досега не му цутеа рози, имајќи ги предвид откажувањата на руските туристи кои минатата година оставиле во Турција околу четири милијарди долари, по конфликтот меѓу Москва и Анкара по ланското турско соборување на руски борбен авион во близина на сириската граница. Меѓутоа, сега се очекува брзо да се откажуваат веќе постигнатите аранжмани, имајќи предвид дека западните земји исто така ги предупредија своите граѓани од опасноста за патувања во Турција заради терористички напади.

Владимир Путин најави укинување на санкциите за Турција во областа на туризмот и нормализација на трговските односи меѓу двете земји, по телефонскиот разговор со Реџеп Тајип Ердоган, со што заврши дипломатската криза во односите предизвикана од убиството на рускиот пилот на соборениот авион.

Подобрувањето на односите меѓу Москва и Анкара следуваше откако Кремљ објави дека го примило писмото од Ердоган за Путин во кое првиот се извинува за инцидентот, што беше еден од главните руски услови за симнување на санкциите, кои вклучуваа и забрана за увоз на прехранбени и земјоделски производи, одземање на лиценците за илјадниците турски бизнисмени и работници кои работеа во Русија и слично.