Москва планира голема телевизиска рекламна кампања во светски медиуми за производите под заедничкиот бренд “Произведено во Русија”. Во пролетта првите клипови ќе се вртат на Euronews и други канали, соопштува “Известија”.
За рекламирање на производите ќе бидат издвоени 370 милиони рубљи (околу 6,4 милион долари), според проектот на Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација. Средствата се очекува да бидат обезбедени од Рускиот извозен центар.
Кампањата ќе се одвива на Euronews, телевизискиот канал Russia Today, во медиумскиот проект Russia Beyond The Headlines и други медиуми. Таа ќе биде насочена главно кон јавноста во Југоисточна Азија и Латинска Америка, според информации од Рускиот извоз центар.
Главно ќе се рекламираат прехранбени производи, козметика, облека, играчки и автомобили.