Московјани од почетокот на идната година за појадок ќе може да одберат и бурек од Кадино. Скопската компанија „Кадино Индустри Груп“, членка на Македонско – руската стопанска комора и на „Македонски дом“ од Москва, ги прави последните подготовки за пласман на првите количини замрзнат бурек во Руската Федерација. Деталите околу извозот беа прецизирани при посетата на м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско – руската стопанска комора на компанијата сместена во Илинден и разговорите со сопствениците Тодор и Томе Ѓорѓевски и нивните соработници.
– Најголеми потрошувачи на нашиот бурек во моментов се швајцарците. Бурекот го извезуваме и во САД, Канада, Белгија, Словенија, Холандија, а од 2018 година првите количнини ќе се најдат и пред руските потрошувачи. Подготовките за пласманот на овој пазар се пред крај, очекуваме набрзо да заврши лиценцирањето и првиот камион со замрзнат бурек да тргне на пат за Москва. Во наредните пратки ќе почнеме со пласман и на други замрзнати производи од нашиот асортиман кој се состои од повеќе од 20 разни производи со различни форми и вкусови наменети за малопродажниот и угостителскит сектор, – истакнува Тодор Ѓорѓевски.
Во „Кадино Индустри Груп“ воопшто не се сомневаат за успешниот настап и пласман на рускиот пазар, со оглед на високиот квалитет кој внимателно се негува. За тоа се грижат и од нивната модерна лабораторија, преку која се обезбедува квалитетот на производот и се извршуваат анализи на квалитетот на различни видови на пченично брашно со комплетни решенија за пекарската индустрија.
Од неодамна компанијата инвестираше и во лабораторија за здравствена исправност на прозиводите од замрзнатата програма со цел на потрошувачите да им се гарантира максмална безбедност при конзумирање.
За практичната потврда на исклучително квалитетниот рачно изработен бурек зборува и фактот што компанијата започнува и со освојување на пазарот на Турција, земја која е всушност „татковина на бурекот“. И за извозот во оваа земја подготовките се при крај а од турските партнери пристигнуваат комплименти за мајсторите од Кадино кои го подготвуваат бурекот.
Инаку, „Кадино Индустри Груп“ e производствена компанија со повеќе од 25 годишно искуство во производството на различни видови на брашно препознатливи под името “Моето Брашно”. Благодарение на вкупната грижа за квалитетот на производите кои се изработуваат по врвните светски стандарди, веќе од поодамна е стекната довербата на потрошувачите на домашниот и на странските пазари. Компанијата има модерен капацитет за дневно мелење и преработка на 70 тони пченица со 93 вработени.
– Во структурата на нашето производство 78 отсто учествува брашното, а 22 отсто замрзнатата програма.Очекувањата на нашата компанија се во насока на успешен завршеток за оваа година. „Кадино Индустри Груп“ ќе направи обрт од околу 5 милиони евра и очекуваме профит меѓу 450 и 500 илјади евра – оптимист е Ѓорѓевски.

Саво ПЕЈЧИНОВСКИ