Во Република Македонија досега функционираат пет индустриски зони, ТИРЗ 1 и 2 во Скопје, во Кичево Прилеп и во Штип. Во завршна фаза сме на формирање на зоните во Струга, Охрид и Струмица, а размислуваме за отворање нови зони во Куманово, Липково и Маврово-Ростуше. Ова го истакна премиерот Емил Димитриев на седница на Собранието на Република Македонија на која се поставуваа пратенички прашања.
Македонскиот премиер потенцира дека ефектите од зоните во делот на вработувањето и во делот раст на извозот се многукратни.
-Oхрабрени сме дека треба да се продолжи во тој правец, да се стимулира отворање зони, нови инвестиции во тие зони бидејќи ефектите во делот на економското функционирање се одлични.Досега од 2014 до 2016 година Владата има инвестирано околу 18,3 милиони евра. Тие инвестиции се во делот на комплетна инфраструктура во овие зони, бидејќи тие се градат по сите светски стандарди и норми за квалитетно функционирање, што дополнително влијае на привлекување инвеститори да дојдат и да градат свои стопански субјекти. Досега во овие зони кои се во функција, свои фабрики и производни капацитети отвориле 24 компании, од кои 15 се целосно активни, а останатите се во подготовка на старт на производство и на вработување нови лица, – истакнува Димитриев.
Компаниите лоцирани во овие индустриски зони создаваат бенефит врз локалниот економски развој, влијаат на намалување на невработеноста и на извозот.
Според премиерот, во 2014 година извозот од зоните изнесувал 1,17 милијарди евра, што значи 31 процент од вкупниот извоз на Република Македонија. Последните податоци за оваа година говорат дека тој процент се зголемува и извозот за 2015 изнесувал 36 отсто од вкупниот извоз на земјава. Во првите шест месеци од 2016 година извозот од овие зони достигнал околу 850 милиони евра или околу 21 процент зголемување во споредба со истиот период од лани, кога извозот од зоните изнесувал 700 милиони евра од зоните.
Тој информираше дека до крајот на јуни 2016 година во Технолошко-индустриските развојни зони се вработени 6.500 лица, а до крајот на годината се очекува бројот да се зголеми и да достигне до 7.500. Според него, доколку функционираат сите компании во зоните има потенцијал бројот на вработените да достигне до 16.500 лица.
Емил Димитриев нагласува дека влегувањето на странските компании во индустриските зони многукратно влијаело и на македонските компании кои во најголем дел се јавуваат како добавувачи.За овие 24 странски компании кои се подготвуваат или работат во индустриските зони, околу 500 домашни компании испорачуваат разни делови, производи и услуги, што значи голем ефект и на нивното ангажирање. Премиерот најави дека и во иднина ќе продолжат со оваа политика.
Но, според него, политичката криза, која две години трае во Македонија, имаше негативни ефекти и во делот на функционирање на зоните и во делот на привлекување странски инвестиции. Емил Димитриев е оптимист дека по одржување на изборите и по надминување на оваа криза повторно ќе се врати на старото темпо на привлекување странски инвестиции и отворање нови погони.
Во индустриските зони свои капацитети можат да градат и македонските компании.